Времето е пари

 

Поаѓајќи од фразата на Бенџамин Френклин дека времето е пари и од самото темпо на денешното живеење, КРАН го прави овој перформанс преку кој сака да постави повеќе прашања. Одговорноста на уметникот денес, Дали секо дело направено од уметник е уметничко дело ( Duchamp, Man Ray, Warhol, Jeff Koons) , дали времето може да се материјализира и да се означи со број, дали времeто има цена, дали на времето може да му се даде облик и форма, и дали времето воопшто може да биде уметност?

Во овој перформанс КРАН му дава облик на времето а самиот облик зависи од предметот во кој фиктивно го ставаме времето. Времето количински го означуваме и му ставаме реална цена, 10 мин.=10 ден., 20 мин. = 20 ден. , 1 ч = 50 ден…. Во времето на капитализам каде основна одлика е приватна сопственост, се има своја цена.  Така и времето,  и тоа има своја цена, а Вие ќе може да купите време.

Но, ако времето може да се продава, тогаш се поставува прашањето може ли тоа време да е нечија лична сопственост и ако времето го продава уметник дали тоа значи дека продава уметност?  Кои се тие параметри кои чинот на продажба на време треба да ги има за да биде уметност и да се разликува од едно обично и чесно продавање на семки и сончоглед? Што едно дело треба да има за да биде уметност? Duchamp го поставува ова прашање со самото поставување на писоарот во галерија, Warhol целиот свој живот го претставува како уметност каде неговиот живот и неговите дела се неодвоиви, Bruce Nauman се прашува во своето студио дали се што ќе направи е уметност, само поради фактот што тој е уметник?

Ако времето го ставиме во фишек, времето и ќе го добие обликот на фишек, ако е во ќеса, времето со својата замиселна форма ќе ја превземе формата на таа ќеса. Со овој перформанс сакаме го материјализираме овој поим. Времето не можеме да го допреме, не можеме да го почувстуваме со основните човекови сетила, но може да го почувстуваме неговото изминување.  Со самите назнаки за за времето: секунда, час, ден, година….ние сме свесни за него. Roman Opalka го бележи времето во континуитет, но без знаци, фаќајќи ги со фотографија промените на неговото лице. Но што ако го немавме поимот време? Што ако не го забелжувавме? Што ако не го меревме?

Племето Piraha кое живее во дождовните шуми во Бразил не го познава концептот за време. Во нивниот јазик немаат иманка време, немаат ознаки за него, немаат бројки, мерила, часовници. За нив времето е небитен и непоимлив концепт. Луѓето Piraha не ја бележат историјата, не ја предвидуваат иднината, тие живеат во сегашно време и единствено поимливо за нив е моментот на дејствување, на „сега“. Кој би знаел Piraha луѓето колку и дали се среќни и колку е едноставно да се живее моментот без да се размислува на утре, на рокови, временски ограничување, старост, без да се расмислува на историјата и без да се загрижуваат за неа?

Современиот човек е во борба со времето. Во брзање е да е во чекор со технолошкиот напредок,  во брзање е да е во тек со новите информации, во брзање е да ги исполни поставените цели. И секогаш сме во недостиг на време.

Секогаш ни фали уште малку време за да завршиме нешто започнато, ни фали време за себе, за блиските.

Зато КРАН реши да прдава време. Секој може да купи! Може да си купите време за себе да прочитате книга, време за да испиете кафе, време за да доучите за испит. Може купеното време да го подарите на некој, може да го замрзнете и да го извадите тогаш кога најмногу ќе ви треба. Може да купите време и да го фрлите. Едноставно, може да си купите време и да правите што сакате.

Покрај перформансот, КРАН исто така ќе продава време и по нарачка, така што ова е проект кој нема крај и на кој не може да му се стави точка. Секој заинтересиран може да нарача време и да го добие времето по пошта, на својата домашна адреса. Времето ќе биде спакувано, во зависност од големината (количината) на нарачаното време. Купувачот плаќањето ќе го врши со уплата на нашата жиро смтека. Ова е со намера замислено да наликува на купување/продавање на телевеизиски понуди на продукти кој се рекламираат како тие да се токму тоа што ни требаат во моментот, продукти кои ќе не направат посреќни, поисполнети.

Но со продажбата на ваков еден нереален, фиктивен „предмет“ кој е поим кој никој не може да  го поседува, ние на овој начин го материјализираме и го продаваме како уметничко дело.

 

Фотографии